Министерот Адеми го отвори Фестивалот на современ дански филм во Кинотека


Министерот за култура Асаф Адеми, заедно со постарата советничка во Амбасадата на Кралството Данска во Белград надлежна и за Република Македонија, Мариане Топач, и почесниот конзул на Кралството Данска во нашава земја, Живко Мукаетов, синоќа во Кинотеката на Македонија присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод почетокот на манифестацијата „Фестивал на современ дански филм“, во чии рамки ќе биде прикажан исклучителен избор од современата данска кинематографија.

Адеми, кој дел од својот професионален ангажман поминал како амбасадор на Република Македонија во Кралството Данска, во своето обраќање истакна дека  односите на Република Македонија со европските земји, вклучувајќи го и Кралството Данска, се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и доверба.  Затоа,  од особено значење е да се запознае дел од данската култура, која е уникатна, а да се види придонесот што го дава данското филмско творештво за светската кинематографија, е нешто навистина значајно.

„Следуваат возбудливи филмски денови со избор од шест долгометражни филмови за кои верувам дека ќе ги задоволат вкусовите на македонските филмофили. Истовремено, оваа манифестација ќе овозможи публиката да го збогати своето познавање за едно, за нас, не толку многу блиско општество, да ги задоволи своите интереси и љубопитност, поблиску да се запознае  со  данската култура и традиција, со данскиот начин на живот и да извлече позитивни искуства кои ќе можат да ги применат овде, во Република Македонија“, рече министерот за култура.

Тој изрази уверување дека оваа манифестација, која е само почеток, ќе наиде на голем интерес кај македонската публика и дека во иднина  ќе се  реализираат уште многу проекти кои ќе придонесат за зближување на културите  на  двете земји.

Во Кинотеката на Македонија од  20 часот  стартуваат данските филмови што беа дел од поголемите европски филмски фестивали како фестивалот во Берлин, Солун, Брисел и Единбург.

„Наша цел е да ги прикажеме филмовите со кои се гордееме”, вели Кристијан Јул Лемче, водител на проектот за филмски активности за време на данското претседателство со Европската Унија.

Фестивалот се организира по повод седмото претседателство на Кралството Данска со Европската Унија и ќе трае четири дена.

Македонските љубители на филмот ќе имаат можност да го доживеат данскиот филм со сета своја разноликост.

Фестивалот стартува со филмот, кој во 2011 година ја доби наградата оскар за филм од неанглиско говорно подрачје: „Во подобар свет“, по што ќе бидат прикажани уште еден оскаровец од 1988 г: „Гозбата на Бабет“ и филмот-добитник на наградата „Кристална мечка“ во категоријата најдобар филм за млади на „Берлинскиот филмски фестивал“ во 2006 г „Ќе надминеме“. Фестивалот ќе се затвори со проекцијата на документарен филм, вистинска приказна за поранешни богаташки што денес едвај составуваат крај-со-крај: „Добар живот“.

Настанот е организиран од Амбасадата на Кралството Данска од Виена под покровителство на компанијата Алкалоид АД Скопје, чиј генерален директор, Живко Мукаетов, е и генерален конзул на Кралството Данска во Република Македонија.

Влезот е бесплатен за сите проекции. (Л.С.)