Микис Теодоракис ќе ги поздрави учесниците на протестот во Атина за „Македонија“

Познатиот грчки композитор Микис Теодоракис ја прифатил поканата на организаторите да биде дел од протестот во Атина за „Македонија“ и доколку не може да биде присутен, тогаш со снимена порака ќе ги поздрави присутните.

– Микис Теодоракис откако рече дека е горд за огромниот собир на грчкиот народ за Македонија што се одржа во Солун на 21 јануари, се обврза да упати барем снимена поздравна порака на протестот за Македонија во Атина, соопштуваат организаторите, откако претседателот на организацискиот одбор го посетил грчкиот композитор, а Теодоракис одговорил позитивно.

Како што во петокот јави дописникот на МИА од Атина, организаторите на протестот закажан за в недела, најавија дека бараат општо прифатена личност што ќе ги поздрави присутните, а во овој контекст се споменуваше името на познатиот грчки композитор.

Микис Теодоракис, говорејќи за весникот „Прото тема“, рече дека протестот во Солун бил од историско значење, а паралелно упати остри критики до грчката влада, но и до Република Македонија.

– Денес не постои ниту еден скопјанец што размислува различно. Според моето мислење, не постојат два вида на скопјани, односно радикални и умерени. Сите се исти. Нивните разлики не се стратешки, туку се тактички, вели грчкиот композитор.

Деведест и тригодишниот Теодоракис ги коментира и отстапките што ги најави македонскиот премиер по средбата со неговиот грчки колега, коментирајќи ги дека се „чиста глупост“.

– Сметам дека овие „отстапки“ се обична глупост, што за нас е срам и да го споменуваме, кога името на кој било аеродром или булевар е нивно ексклузивна способност повторно да го променат штом ги постигнат нивните цели. Навистина, за толку будали не смета скопскиот премиер или толку сме спремни да ги спуштиме панталоните? Се извинувам за овој израз, но е единствен што можат да го разберат сите, рече Теодоракис. Во однос на тоа што би можело да се направи во иднина, во интервјуто за „Прото тема“ вели дека единственото решение е да „ги оставиме скопјаните да веруваат во нивниот национален мит, а ние паралелно да си останеме верни и непоколебливи за грчкиот карактер на Македонија“.

За на протестот во Солун, грчкиот композитор вели дека бил реакција на народот во однос на политиката на владата.

– Позицијата на владата, на архиепископот и на сите фактори на државната власт контролирана од СИРИЗА и Независни Грци, резултираше со тоа народот уште повеќе да се заинати, коментира Микис Теодоракис во интервјуто за „Прото тема“, пренесува МИА