Мета до полноќ треба да одлучи дали Сандер Леши ќе биде нов министер за внатрешни работи

На полноќ изминува рокот до кога албанскиот претседател Илир Мета треба да го стави својот потпис на уредбата со која се согласува нов министер за внатрешни работи да биде Сандер Леши.

Засега нема информации дали Мета ќе ја потпише уредбата и ќе се надмине „каменот на сопнување“ меѓу него и премиерот Еди Рама или по вторпат ќе го врати предлогот.

Гостувајќи во телевизиска емисија, Мета, синоќа изјави дека многу добро го познава Уставот на земјата во врска со уредбата за назначување министри и дека никаков притисок не може да влијае врз него за кршење на Уставот.

На тој начин и директно му одговори на Рама на обвинувањата дека Мета нема надлежност да отфрла предлог на премиерот за назначување министри и информациите дека врз него по ова прашање притисок вршат и меѓународни претставници.

– Јас сум претседателот кој најпрво го почитува Уставот на Република Албанија. Не постои личност која би можела да влијае врз мене да го прекршам Уставот и како што знаете, јас, исто така, јавно изјавив дека сум подготвен да го информирам Собранието, доколку бара појаснување од мене. Се сретнав и со претседателот на Собранието, истакна Мета.

Тој посочи дека на функцијата претседател на Републиката доаѓа со големо искуство и како премиер и како претседател на законодавниот дом.

– Од првиот ден кога ја презедов функцијата претседател, која е висока функција во нашата земја и ја ставив раката на Уставот, ја презедов и целата одговорност да го почитувам Уставот. Многу добро знам како функционира постапката за назначување министер во нашата земја. Исто така, знам и од позиција на премиер. Ќе добиете институционален и точен одговор и немам намера да се занимавам со дебати од политички и шпекулативен карактер, додаде Мета.

Откао претходно Мета не ја потпиша уредбата нов министер за внатрешни работи да биде Сандер Леши, бригаден генерал и советник на Рама за безбедносни прашата, премиерот него го назначи за заменик министер со надлежности на министер.