Мерка притвор за четворица од обвинетите за инцидентот во Мала Речица
Основното јавно обвинителство Тетово преку соопштение информира дека при подготовка на Посебниот предлог за Обвинителниот акт и Обвинителниот предлог за лицата инволвирани во вооружениот настан во Мала Речица е направен ненамерен технички пропуст.
Имено, како што наведуваат, во предлогот испратен до надлежниот суд стои дека јавниот обвинител кој работи на предметот предложил мерка притвор „до изрекување на пресудата“ за дел од лицата опфатени со обвиненијата.
– Нагласуваме дека се работи за превид и грешка од чисто техничка природа која веднаш е исправена и коригираните Обвинителен акт и Обвинителен предлог се испратени до надлежниот суд. Согласно ова направена е и исправка на информацијата за подигнатите обвиненија доставена до медиумите, наведуваат од ОЈО Тетово.
Во корегираната информација објавена на веб страницата на Јавно обвинителство на РМ, стои „Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово предложи на тројцата обвинети кои се лишени од слобода, како и на еден обвинет кој и натаму е во бегство да им биде продолжен притворот“. (линк до објавата http://jorm.gov.mk/?p=5235)
Воедно, од Тетовското ОЈО потенцираат дека направениот технички пропуст не го загрозува текот на натамошната постапка.