МВР во голема акција разби 6-члена криминална група што шверцувала кокаин и марихуана

Министерството за внатрешни работи во голема акција спроведена вчера откри група од 5 лица од Тетово и од Прилеп, кои транспортирале 670 грама кокаин и 128 килограми марихуана на релација Косово – Белгија, дрога што транзитирала низ Македонија.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во координација со ОЈО за гонење организиран криминал и корупција реализираше случај во кој што е идентификувана и сузбиена организирана криминална група составена од шест лица кои биле инволвирани во недозволена трговија со наркотици, кокаин и марихуана, при што од слобода се лишени пет лица, а шестото лице од групата е во притвор во Р.Србија.

„Во текот на 2017 година на територија на Р.Србија беа запленети 128 килограми и 670 грама марихуана, како и 440 грама кокаин и 1.330 грама смеса за мешање (фанацетин и манитол), кои оваа група сакала да ги транспортира до Република Македонија и Република Србија“, рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес-конференција.

По низата оперативни мерки и активности, вчера, врз основа на наредба на судија на претходна постапка, извршни се претреси на неколку локации и тоа на подрачје на Тетово (три претреси) и Прилеп (четири претреси) со цел лишување од слобода на лицата припадници на групата, и дополнително обезбедување материјални докази околу организираните транспорти на кокаин и марихуана.

Така, во рамки на криминалистичкото истражување обезбедени се докази за два транспорти на наркотична дрога и остварена е соработка помеѓу МВР и ЈО на Р.Македонија и Р.Србија. Во првиот случај утврдено е дека лицата Н.Д. (33) во Прилеп и Б.Е. (43) во Тетово, во текот на септември минатата година од лице од Белгија набавиле околу 0,5 кг кокаин по цена од 25.000 евра и смеса за мешање. За таа цел организирале транспорт при што кокаинот го сместиле во возило Мерцедес со белгиски регистарски ознаки со намера да го пренесат од Белгија до Р.Македонија.

На 23.09.2017 година на излез од Р.Србија (ГП Прешево), од страна на српски полициски и царински службеници сопрено е возилото „мерцедес“ со белгиски регистарски ознаки, управувано од страна на Н.Д., по што истиот се дал во бегство, илегално ја преминал границата и влегол во Република Македонија. По извршен преглед на возилото пронајдени се два пакети наркотична дрога кокаин со вкупна маса од 440 грама и смеса за мешање (фанацетин и манитол) со вкупна маса од 1330 грама.

Паричните средства за набавка на кокаинот по инструкции од Н.Д., се префрлени од страна на Е.А. (35) од Прилеп, за лицето од Белгија

Во рамки на вториот случај, пак, утврдено е дека лицето Ј.И. (41) од Тетово набавил наркотична дрога марихуана, ја складирал на територија на Косово, по што заедно со лицето А.М. (53) од Тетово ја сместиле во товарно моторно возило. Притоа Ј.И. го ангажирал лицето И.И. (70) од Тетово, да изврши транспорт на марихуана за одреден паричен надомест од Косово до Р.Србија. На 20.12.2017 година од страна на полициски службеници на Р.Србија во близина на Владичин Хан, сопрено е ТМВ со тетовски регистарски ознаки управувано од И.И. во кое, по извршениот претрес, во резервоарот биле пронајдени 131 пакувања со марихуана. По извршено вештачење утврдено е дека се работи за наркотична дрога марихуана со вкупна маса од 128 килограми и 670 грама.