Марјан Ристески осомничен за малверзации со масло за греење

Поранешниот градоначалник на Припел, Марјан Ристески заработи кривична пријава за набавка на масло за греење за 2015 и 2016 година за потребите за општината, за неколку пати повеќе од потребните количини.

Ристески, според МВР, го оштетил Буџетот на општината за 41 илјада евра со набавка на над 66 илјади литри масло за двете години што е за четири пати повеќе од реалните потреби.

Како што соопшти МВР, Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ПС-ОН Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе Известување за постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“ против лицата: М.Р. (46), поранешен градоначалник на општина Прилеп, Д.Р. (56),  Раководител на одделение за општи и заеднички работи при локалната самуправа Прилеп, К.Н. (49) вработен како домар и лице задолжено за прием и надзор над набавката, и А.Т. (42) сектретар на општина Прилеп.

Постапувајќи по отворен предмет на ОЈО Прилеп, врз основа на наоди од Државниот завод за ревизија кои се однесуваат на набавката и трошењето на маслото за греење извршени се проверки при што е констатирано дека се набавени поголеми количини иако реалната потреба изнесувала најмногу 10.000 литри по грејна сезона. Така, во 2015 година од страна на општината исплатено е за 41.762 литри повеќе од реално потребните, а во 2016 година за 24.963 литри масло  повеќе од реално потребните количини, односно исплатени се парични средства за вкупно 66.725 литри масло повеќе, без реално оправдување за таквата количина.

– Спротивно на одредбите од Законот за финансирање на локалната самоуправа и на Законот за извршување на буџетските средства, наменските средства кои требало да бидат искористени за тековно греење на општинската зграда биле проектирани на ниво далеку од реално потребното, при што пријавените, секој во рамките на своите надлежности во текот на 2015 и 2016 година, предизвикале штета на буџетот на општина Прилеп во вкупен износ од 2.556.666 денари, се вели во соопштението од МВР.