Макрон: Македонија и Грција преземаат историска улога со посветеноста да го решат прашањето за името


Франција со внимание ги следи политичките процеси во регионот и во Македонија. Македонија и Грција преземаат историска улога со посветеноста во решавањето на прашањето за името. Решавањето на овој спор е позитивно и сериозно наследство за Македонија, рече францускиот претседател Емануел Макрон на вечерашната средба со премиерот Зоран Заев во Софија.

Макрон изрази честитки за реформите што ги презема Македонија. Воедно истакна дека Франција ќе ја поддржи нашата земја во позитивната динамика на спроведувањето на промените и во забрзување на прогресот.

Премиерот Заев информира дека Македонија продолжува со интензивните и сериозни реформи во правосудството, јавната администрација и медиумите и дека сите реформски проекти се спроведуваат во дијалог со опозицијата.

– Моите сограѓани имаат европска иднина и ние, Балканот и ЕУ се бориме за иста Европа. Ве уверуваме дека Македонија е успешна приказна на Балканот и заслужува вреднување соодветно на постигнатите резултати. Ги поддржуваме вашите заложби за покохезивна, функционална и поодржлива ЕУ. Лидерството на Франција е мотивација и пример и за Македонија и за регионот, рече Заев на средбата со Макрон.

Заев и Макрон се согласија дека е неопходно Западен Балкан да ги зајакнува врските со ЕУ за да се одржи европската перспектива на регионот.

Заев и Макрон утре ќе учествуваат во официјалната програма на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија.