Македонија извезува пченица, а увезува брашно
Од 11 до 11,5 денари за килограм е откупната цена на пченицата, но количините главно се извезуваат во Грција и Албанија, велат производителите. Во меѓувреме, преработувачите увезуваат српско брашно зашто, според нив, пазарната логика е – најдобра цена за најдобар квалитет.
Како што рече денеска претседателот на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК) Огнен Оровчанец, површините се намалуваат, а производството продолжува да опаѓа иако капацитет за негово зголемување има. Се намалува и интересот за земјоделството воопшто.
– Во Македонија има 68.000 хектари под пченица за разлика од пред 25 до 30 години кога површините достигнуваа 280.000 хектари. Во Битолско откупната цена засега изнесува 11 до 11,5 денари што е солидна сума ако се земат предвид и субвенциите. Откупената пченица се носи главно во Грција и Албанија, истакна Оровчанец на прес-конференција.
Сите што ги собраа пченицата и јачменот пред дождовите, нагласи Оровчанец, добија одличен квалитет.
Преработувачите нагласуваат дека цената на брашното е 30 отсто зголемена и изнесува 240 до 250 евра за тон, додека лани беше 180 евра, но кај пекарските производи се уште нема поскапување и тие засега се најевтини во регионот и Европа.
– Имаме проблем со нелојалната конкуренција што ја прават помалите капацитети што не ги подмируваат даноците и поради тоа се поконкурентни. Во однос на брашното, пак, реагираме согласно пазарните услови. Мора да бидеме логични и разумни. Изборот е секогаш најдобар квалитет за најдобра цена или најдобра цена за најдобар квалитет. Тоа е пресудно. Не можеме да навлегуваме во тоа дали пченицата е од Македонија, Србија или други држави, нагласи Горан Георгиевски од „Специјал“.
Тој потврди дека не само брашно, туку и пченица се увезува.
Агро-бизнис секторот бара од државата субвенции исти како во Европа и грантови од 30 до 90 проценти за преработувачките капацитети. Смета дека големите стопанства се двигатели на развојот, но не е против поддршката за малите производства, односно за земјоделството како дополнителна дејност.
– Не сакаме ништо повеќе освен субвенции како во Европа од чиј Буџет годишно се довојуваат по 67 отсто за земјоделството. Македонија мора сериозно да постапува со земјоделството како сите развиени европски земји. Што може да се стори со 10.000 евра колку што е поддршката за младите фармери ако знаеме дека еден трактор чини најмлаку 250.000 евра?, потенцира Оровчанец, дополнувајќи дека секое производство под 50 хектари е загуба.
На прес-конференцијата беше посочено и дека продуктивно и конкурентно земјоделство веќе не е можно без примена на нови технологии и наука, сертифицирано семе и однапред договорен пласман. Минато е размислувањето дека земјоделските активности може да базираат на традиција и едноставни активности без образование и искуство.
Оровчанец соопшти дека уште неколку македонски, домашни сорти пченица се признати во Грција, Србија и Албанија.