Маж скокнал од галерискиот простор во холандскиот Парламент


Едно лице е повредено откако скокнало или паднало од галерискиот простор во холандскиот Парламент во делот за пратеници додека се одржувала седница, објавија локалните медиуми.

Холандскиот весник „Телеграф“, повикувајќи се на очевидци, пишува дека мажот вознемирено се движел од едната до другата страна на галеријата, потоа нешто врзал на оградата и скокнал од височина од неколку метри.

Друг локален медиум го цитира еден од чуварите во Парламентот, кој изјавил дека мажот се обидел да се обеси.

Засега не е познато каква е неговата состојба, но на видео снимка од Парламентот се гледа говорницата, на која во моментот зборувал еден од пратениците, и реакцијата на шокираните парламентарци по силниот удар.

На фотографии објавени на социјалните мрежи се гледа маж на кого му се дава прва помош, а потоа е однесен на носила.