Лондонскиот симпозиум за мир: Со образование во борба против радикализмот

Сите се надеваме дека еден ќе го видиме крајот на сите конфликти во светот. Ова беше генералната пораката на верските и политичките лидери кои зедоа учество на Интернационалниот симпозиум за мир, кој се одржа во Лондон по 16. пат.

Реткост е да се видат во иста просторија атеисти и претставници на сите религиозни групи што постојат на светот. Сите се согласни дека треба секој да работи на себеси за да се биде подобар и потолерантен кон другиот кој е различен од него. Таква беше атмосферата за време на мировниот симпозиум во престолнината на Велика Британија, кој се одржа изминатава недела во конференциската сала на најголемата џамија во Лондон, „Баитул Футух“.
– Современите конфликти со кои се соочува целиот свет се доволен мотив за нас, постојано да правиме напори и да го проповедаме за мирот. Убеден сум дека сите ние еден ден ќе го видиме крајот на сите војни кои ни се случуваат. Ниту една вера не треба да биде за нешто друго освен за мир и благосостојба на човештвото. Потребно е сите нации во светот да ги уживаат човековите права кои ги стекнуваат со самото раѓање – рече во своето обраќање иницијаторот на мировниот симпозиум Хазрат Мирза Масур Ахмад, духовен водич на муслиманската асоцијација „Ахмадија“.

Тој посочи дека радикализмот е најголемото зло што му се случува на современите општества.
Со слична порака се обрати и Архиепископот на римокатоличката архиепископија од Саутварк, Лондон, Кевин Мекдоналд.

– Живееме во времиња кои произведуваат несреќа. Политичката култура дополнително го мотивира тоа. Но факт е дека живееме и во време на голема религиозна неписменост, каде што луѓето чувствуваат слобода да практикуваат некаква религија без притоа да знаат воопшто нешто за таа религија. Мирот е заеднички именител на сите религии, но тој не се добива преку преговори. Внатрешниот мир, кој треба да го пронајдеме во себе, треба да го шириме во светот. Така се менува човештвото – рече архиепископот Мекдоналд.

Претставникот на Евреите од западен Лондон, Џес Батсман, рече дека животот е премногу краток за да го поминеме во војни.
– Различните етнички заедници треба да разговараат и да се запознаваат меѓу себе. Како Евреин морам да напоменам дека го чекам денот кога ќе видам дека Израел постигнал мир. Се надевам дека младите од Израел и Палестина ќе најдат решение преку меѓусебно запознавање, а не преку оружје – рече Батсман.

Ведран Обучина, претставник на Ортодоксната старокатоличка црква од Хрватска, вели дека образованието е клучно во борбата против радикализацијата.
– Радикализацијата е злоупотреба на религиите. Во оваа просторија успеавме да се собереме од сите нации во светот, а тоа е доволен знак дека можеме и да се помириме меѓу себе. Религијата не смее да биде радикална, како што ја гледаме дека е во денешницата низ светот. За жал, многу често популизмот си го прави своето, а радикализацијата го користи тоа. За да се спречи најголемиот предизвик на денешното време, пред сè е потребно образование – вели Обучина.
На симпозиумот присуствуваа и градоначалници на неколку лондонски општини, универзитетски професори, адвокати и лекари од целиот светот.

Ивана Настеска