Кривична за директор и вработен во „Комуналац“, потрошиле 11.000 евра за гориво за приватни возила
Полицијата од Свети Николе поднесе кривична пријава против 35-годишниот А.Д. и 47-годишниот С.А. од истиот град за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Како што информираат од МВР, во период од 30 ноември 2016 до 7 ноември 2017 година, второпријавениот, вработен во ЈКП „Комуналец“ од Свети Николе, со овластување од првопријавениот, кој бил директор на претпријатието, и покрај тоа што знаел дека службените возила не биле во возна состојба, издавал картички за купување гориво за тие возилa. На овој начин било купувано гориво за возила што не биле сопственост на претпријатието.
Директорот и покрај тоа што бил запознаен за состојбата на возилата, ги одобрувал фактурите за набавено гориво. Со ова пријавените му предизвикале штета од 679.342 денара (околу 11.000 евра) на буџетот на ЈКП „Комуналец“.