Кочијанчич: Дијалогот Белград – Приштина продолжува во септември

Портпаролката на Европската унија, Маја Коцијанчич изјави дека дијалогот помеѓу претседателот на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи ќе продолжи на почетокот од септември.

„На последниот состанок на дијалогот на 18 јули, чиј домаќин беше високата претставничка, двајцата претседатели го разгледуваа постигнатиот напредок и се договорија повторно да се сретнат на почетокот од септември“, посочи Коцијанчич.

Таа додаде дека на состанокот на 24 јуни, Вучиќ и Тачи се договориле да ја интензивираат работата на договорот за сеопфатна нормализација на односите.

„Дијалогот во кој посредува Европската унија има за цел да ја промовира долгорочната соработка помеѓу двете страни, да помогне во напредокот на нивниот пат кон ЕУ, како и да го подобри животот на луѓето. Долгорочно решение подразбира одржливо реалистично решение засновано на меѓународното право“, истакна Коцијанчич.

Таа додаде дека двете страни работат на дефинирање на заедничките позиции за меѓусебниот договор.