Кочанчани вознемирени: Благој беше мирен човек

Крвава драма утрово го разбуди Кочани. Маж ја уби сопругата и сериозно ја повреди ќерката, а потоа си го одзеде животот. Хоророт во куќата на семејството Анчови се случувала пред очите на малолетниот син, кој во последен момент успеал да побегне кај соседите. Дваесет и двегодишната девојка се здоби со сериозни повреди и е пренесена во кочанската болница. По увидот на надлежните, се истражуваат причините за трагедијата што го потресе мирното гратче на истокот од земјата.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека кај нив во 3.10 часот после полноќ било пријавено дека во куќа на улицата „9 Мај“ во Кочани, таткото ги тепал сопругата и ќерката. Полициски службеници излегле на местото на настанот, при што на покривот од куќата го затекнале Благој Анчов (54).

Набргу потоа, тој скокнал од покривот и починал. Во куќата, пак, во неконтактибилна состојба биле затекнати сопругата Ленче и ќерката Ивана. Тие биле пренесени во Општата болница во Кочани, каде мајката починала“, велат од полицијата.

Според информациите, Ивана била примена во коматозна состојба, но ситуацијата подоцна се нормализирала и таа е надвор од животна опасност.

Во Кочани вчера владееше шок и неверување. Жителите на градот не можат да поверуваат дека трагично заврши дводеценискиот брак на Благој и Ленче Анчови. За нив велат дека живееле скромно и чесно и оти со ништо не отскокнувале од средината.

Заедно беа околу 25 години, никогаш не сме слушнале дека имаат некакви големи проблеми во бракот. Беа како и сите други семејства. Им се родија две деца, ќерката се омажи, момчето има 13 години и е во осмо одделение. Кутрото момче, како ќе го преживее сето ова што го видел пред очи, како татко му ја убива мајка му…“, се јадосуваат соседите.

Тие сведочат за драмата што се случувала ноќта спроти четвртокот. Пискотници и караници се чуле длабоко после полноќ, по што најблиската сосетка се јавила во полиција и побарала помош.

Како што разбравме, дошло до кавга меѓу Благој и Ленче, по што тој физички ја нападнал. Најпрво ја удирал со штрафцигер, па со нож ја бодел сѐ додека таа не паднала на земја. Кога увидел дека не е почината и оти дава знаци на живот, зел чекан и со него ја удирал по главата. Ќерката, која била кај нив на гости, се обидела да го спречи татка си, па и неа ја удрил. Момчето побегна кај соседите и раскажа што се случува дома“, тврдат кочанчанци.

Откако била алармирана полицијата, униформирани припадници на МВР за неколку минути дошле пред куќата на улицата „9 Мај“ и го затекнале насилникот како стои на кровот од куќата на висина од пет-шест метри. Се обиделе да го разубедат да се предаде, но тој не оставил многу простор за разговор, туку скокнал на земја и починал на самото место. Потоа, полицајците влегле во куќата и ги здогледале двете жени, кои биле во кома. Ги пренеле во болница, но за животот на мајката било доцна.

Соседите не можат да претпостават што било причина за злосторството, но се сомневаат на љубомора. За Благој велат дека никогаш не покажувал знаци на насилство. Не бил вработен, додека Ленче работела во приватна конфекциска куќа.

Настанот го потврдија и од Основното јавно обвинителство.

Надлежен обвинител од Кочани изврши увид на самото место заедно со екипа на крим техника од Министерството за внатрешни работи. Во насока на утврдување на фактите и расветлување на настанот, издадени се наредби за прибирање и вештачење на траги од лице место, за анализа на крв и урина од починатите и за вршење на обдукција на телата на починатите“, соопштија од Обвинителство. (Г.А.)