„Коха Диторе“: Харадинај подготвен да разгледа укинување на таксата на српскиот увоз

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај е подготвен да го стави на дневен ред на седница на Владата прашањето за укинување на такста од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, дотолку тоа го предложи некој од министрите, пишува во денешното издание приштинскиот весник „Коха Диторе“.

Весникот, ја цитира портпаролката на Владата, Донјета Гаши, која вели дека премиерот и до сега ги третирал сите предлози на членовите на неговиот Кабинет, согласно демократските и законските процедури.
– Харадинај, според важечките правила, уставните овластувања и согласно законот, до сега ги процесуирал сите прашања на дневен ред и ќе продолжи да ги процесуира сите прашања кои се поврзуваат со дневниот ред, изјави Гаши.
Информацијата уследи откако медиумите вчера го објавија писмото што официјален Вашингтон го испрати до косовскиот државен врв, во кое се бара да се супсендира таксата, со цел да се деблокира дијалогот меѓу Приштина и Белград. Во спротивно, САД најавуваат дека ќе воведат санкции кон Косово, меѓу другото и во обласата на безбедноста, што се толкува како најава за престанок на воената помош за Безбедносните сили (ФСК), односно Војската на Косово.
За укинување или суспендирање на таксата се залагаат претседателот Хашим Тачи и главниот коалициски партнер на Харадинај, Демократската партија на Косово (ПДК) на собранискиот спикер Кадри Весели, додека премиерот и неговата Алијанса за иднината на Косово (ААК) упорно опстојуваат на ставот дека таа ќе се укине кога Србија ќе ја признае косовската независност.