Концерт на Бликса Баргелд и Тео Теардо во Македонска филхармонија
Бликса Баргелд и Тео Теардо на 9 декември, сабота, во Македонската филхармонија ќе одржат концерт за нивниот нов албум со наслов „Нерисимо“.
Баргелд и Теардо по три години од нивниот деби албум „Стил смајлинг“ се враќаат со целосно нов материјал.
Често природата на ваквите соработки е врамена во една еднинствена епизода, временски ограничена, но тоа не е случај овде. Ова е резултат на една посебна поврзаност, и уметничка и лична каде што Тео и Бликса пронаоѓаат нов облик на нивната поврзаност за да можат да откриваат нови светови.
Дизајнот на омотот на „Нерисимо“ е инспирација од дело на сликарот Ханс Холбајн Помладиот насловено Амбасадори (1533). Во сликата се вкалапени енигматски алузии кон филозофијата, религијата, смртноста и илузијата, кои што пак имаат врска со дел од темите во албумот.
„„Нерисимо“ на италијански е суперлативна форма за придавката „црн“ („најцрниот“) и така има нешто многу црно околу музиката на ова издание. Тоа, сепак, не значи дека ова е нешто „даркерско“ како често применуваната придавка кога е во прашање музика: туку како што црната боја ги содржи сите бои, така и музиката содржи повеќе различни можности. Напишани и испеани на германски, англиски и италијански, песните се различни: од микроскопски драми – како во Petri dish (Ulgæ) па до надреалистичкото епско и космичко седумминутно патување „Animelle“. Насловната песна „Nerissimo“ има две верзии, англиската го отвора албумот, а италијанската го затвора, заокружувајќи го албумот како крај на една книга.“
Тео Теардо живее во Рим и е музичар, композитор и дизајнер на звук. Негово дело е музиката за неколку филма од режисери добитници на наградата „Оскар“ како Паоло Сорентино и Габриеле Салваторес. Има добиено повеќе награди за неговата музика, како Наградата Enio Morricone и Наградата David Di Donatello.
Бликса Баргелд е роден во 1959 година во Западен Берлин. Како самоук артист, тој работи како пејач, писател, композитор и режисер.Дел е и од Nick Cave and the Bad Seeds, како гитарист, повеќе од 10 години, и е предводник и основач на Einstürzende Neubauten од 1980 година.
Во моментов живее на релација Сан Франциско – Берлин – Пекинг.
Концертот започнува во 20:00 и е во организација на МКЦ Скопје. Билети по цена од 600 денари достапни во Југотон, 1/2 Југотон и на Билетарница МКЦ.