Македонскиот писател Стефан Марковски со книжевен настап на „Paris Lit Up“ во Париз


Македонскиот писател и истражувач на литературата, Стефан Марковски, ќе настапи на книжевната вечер „Paris Lit Up“, која од 2012 година се одржува во историскиот бар „Култур Рапид“ во Париз.

Како што информираат од „МК Современост“, Марковски ќе чита свои поетски творби од англиско-македонскиот избор „Ветена земја“, во кој се застапени песни од неговите поетски книги „Хипербог“, „По трагата на белиот грифон“, „Сиво сјаат вселените“ и „In Nomine“.

Настанот се одржува во барот „Култур Рапид“, лоциран во 20-от арондисман на Париз, простор познат како дел од книжевната историја на француската престолнина и место кое се поврзува со развојот на француската слем поезија во 1980-тите. Таму и денес се организира Меѓународниот слем фестивал.

Книжевните вечери „Paris Lit Up“ ги основале авторот Џејсон Френсис Мекгимзи и поетесата Кејт Ноукс, членка на Велшката академија за книжевност и уредничка на поетската рубрика на истоименото списание, додека нивни водител е британскиот писател и новинар Крис Њуенс.

Во рамки на овие книжевни собири низ годините настапувале автори од различни земји, меѓу кои американската писателка Ненси Столман, поетот и музичар Стив Далачински, добитник на наградата „Франц Кафка“, како и поетесата Кимберли Кампанело.