Концерт за душа на Каролина во МОБ: Емоции на снег


Моќниот, емотивен глас на поп-ѕвездата Каролина Гочева-Корубин синоќа ни ги стопли душите и срцата, на четвртиот, од седумте концерти, во МОБ. Во интимна атмосфера, додека надвор паѓаше снег, пејачката ги промовираше десетте песни од новиот етно-албум „Извор“ и најубавите песни од нејзините претходни албуми „Македонско девојче“ 1 и 2, на авторите Златко Ориѓански и Николче Мицевски.

Албумот кој повторно го потпиша Николче Мицевски, во исто време е етно и модерен, со примеси на џез. Затоа убавиот глас на Каролина во еден момент беше нежен и треперлив, а во друг момент гласен и моќен. Секој слушател ќе си најде своја песна меѓу „Убав живот“, „Газам боса“, „Бели цветови“, „Да е сон“, „Земи го срцево“, „Будна“, „Ти не дојде“, „Нема песна за мене“, „Млади багреми“, и „Ѕвона“ која веќе ја претстави во јавноста.

Ѕвездата беше расположена, танцуваше во ритамот на музиката и беше среќна што публиката, пее и да аплаудира во тактот на познатите рефрени, со која ја почасти на крај од концертот: „Скопска магла“, „Кој да ми запее“, „Ружица“, „Пролет, лето, есен, зима“, „Птицо малечка“, „Вези, вези“, „Бегај, бегај“ „Чалгиска “, „Две лири“…

Девет од текстовите се дело на долгогодишната соработничка на Каролина, Весна Малинова. Само текстот за емотивната балада „Будна“ е на актерката Весна Бејби Петрушевска.

Единствена сценографија на концертот беше огромно платно со слика на уметникот Михаил Корубин, сопругот на Каролина, која се најде и на обвивката на албумот. Каролина на сцената ја придружуваа 16 музичари од нејзиниот бенд и гудачи, како и гости инструменталисти за одделни песни.

Ѕвездата зад себе има два настапа на Евровизија, шест албуми, многу хитови и концерти, една од најубавите поп-пејачки во регионот,нон-стоп е на насловните страници на модните магазини заради стилот и успехот, а на социјалните мрежи-заради приватниот живот.

Од „Авалон продукција“ велат дека е професионалец, колегите-дека е коректна, пријателите-дека е добар другар, семејството-дека е добра и послушна ќерка, сопругот-дека е добра сопруга, свекрвата-дека е добра снаа. А малите девојчиња? Кога ќе пораснат, сакаат да бидат како Каролина.

Л. Сабит   Фото: Б. Грданоски

 

Стилот на Каролина во МОБ: Аргентинска страст и париски шмек

За седумте концерти на Каролина во МОБ одбрана е различна облека за секоја вечер.  И фризурата од вечер до вечер се разликува. Еднаш е со пуштена коса, а друга вечер со коса собрана во пунџа.

-Инспирацијата за стајлингот беше музиката од новиот албум „Извор“, но, секако, се обидовме да го задржиме нејзиниот препознатлив имиџ. Овој албум на Каролина е во исто време етно и модерен, со примеси на џез. Во нејзината музика се чувствува македонската традиција, испреплетена со аргентиската страст и парискиот шмек. Сето ова е присутно и во стајлингот, составен од едноставни парчиња облека и интересни модни додатоци. Тоа е облека во која треба да се чувствува удобно и слободно на сцената. Голем дел од парчињата се од „Зап Милано“, останатите парчиња се направени по мој дизајн, исто како и чевлите кои се специјално направени и дизајнирани за Каролина од мене и „Марвел“. Публиката сите вечери на концертите на Каролина во МОБ ќе има можност да ужива со сите сетила, ни изјави Славица-Цаци Паковска, која се грижи за стилот на поп-ѕвездата на јавните настапи.