Ковачев од ГЕРБ разочаран од ставовите на Силјановска за договорот за добрососедство

Европратеникот, Андреј Ковачев, од партијата ГЕРБ на бугарскиот премиер Бојко Борисов, изразува разочарување по средбата со претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, во рамките на Политичкото собрание на ЕПП во Брисел.

„За жал, г-ѓа Силјановска-Давкова ми кажа дека има многу забелешки за Договорот со Бугарија за добрососедство и има поинаков поглед на историјата.

Искрено жалам што негативниот став кон Бугарија, наследен од времето на комунистичката Југославија и зацврстен од Никола Груевски, сè уште доминира во главите на многу луѓе во Македонија.

Поддршката за Договорот со Бугарија, усвојувањето на нашата заедничка историја и запирањето на говорот на омраза против Бугарија, се основен минимум според кој треба секој да се раководи во Македонија, ако ја сака и ја чека нашата поддршка и пријателство.

Ова за мене, и за партијата ГЕРБ, е нешто по што тешко ќе дадеме поддршка за овој кандидат!“-напиша Ковачев на својот фејсбук профил.