Клучна година за прашањето за името

Состанок на министерскиот совет, седница со парламентарната група на СИРИЗА и тет а тет средба Ципрас – Каменос, се дел од можните следни чекори на грчкиот премиер во однос на прашањето за името, според грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина. Официјална потврда нема, меѓутоа во изминатите денови, откако спорот меѓу Македонија и Грција стана главна тема кај јужниот сосед, новинарите излегоа со разни анализи, во кои меѓу другото ги споменуваат и сценаријата да се одржи владина седница со сите министри од владата и оние од СИРИЗА и оние од Независни Грци, да заседаваат пратениците од владеачката партија, под палката на Алексис Ципрас, но и евентуално да се одржи средба на двајцата коалициони партнери, сѐ со цел да се испеглаат разликите околу националната позиција за името.

Според сите изјави и од официјална Атина и од официјално Скопје, 2018 може да биде клучна година за двете земји. Оптимизмот е присутен и од двете страни на границата за затворање на спорот стар повеќе од четврт век.

Овој оптимизам започна од шефот на грчката дипломатија, кога на 26 октомври на прес конференција во грчкото МНР, за прв пат, опширно и детално говореше за прашањето за името.

– Јас верувам дека во првите 6 месеци од 2018 ќе треба да се реши ова прашање. Ако не се реши ќе има големи потешкотии. Ако се реши потребни се 3-4 месеци за бирократски процедури во ООН, да се достават потврди, што значи дека ќе стигне до крајот на 2018. – рече тогаш Никос Коѕијас на средбата со новинарите.

Овој став, за решение во првите 6 месеци од 2018, грчките медиуми го поврзаа со следниот самит на НАТО во јули годинава, поставувајќи го како краен рок за постигнување договор.

За последните случувања на релација Скопје- Атина и оптимизмот во двете земји, дописникот на МИА од Атина, поразговара со Јоанис Армаколас, професор на солунскиот универзитет Македонија и шеф на програмата за југоисточна Европа во грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, кој вели дека постои волја и од двете страни за решение.

– Ситуацијата е подобра од било кој друг момент во изминатите 10 и повеќе години, според тоа треба да постои оптимизам бидејќи се одмрзна прашањето. Но, не би сакал да сум прекумерно оптимист. – коментира Армаколас и вели дека не е потребен прекумерен оптимизам затоа што проблемот има многу параметри, има многу прашања, кои се тешки за решавање и затоа, како што вели, „потребна е координација од меѓународната заедница, потребна е добра волја од сите страни, добра волја од опозициите во двете земји, како решението би се презентирало пред јавното мислење, кои ќе бидат деталите од договорот итн“.

– Постои голем напредок, постои многу голема волја од страна на новата влада во Скопје. Мислам дека таа е заслужна што се одмрзна прашањето, но се чини дека и од грчка страна постои добро расположение и интерес да одиме напред. – анализира за МИА, професорот Армаколас.

Тој вели дека освен името, постојат и други прашања како што е опсегот на употреба, временскиот рок, останатите теми поврзани со името, а сето ова го прави целиот проблем сложен и затоа од двете страни потребна е макотрпна работа во ограничен временски рок за решение.

Барањата на Атина за ерга омнес решение, односно име и за внатрешна и надворешна употреба, од една и пакет договор што би ги вклучил сите елементи: име, јазик, идентитет, изведени зборови, акроними, трговски називи и слично од друга страна, отвора прашања на кој начин би се постигнал договор. „Тешка равенка“ го карактеризираа грчките медиуми прашањето за името токму поради одредените ставови што се различни во Скопје и Атина. Равенката е дополнително сложена и поради ставот на коалициониот партнер во владата Панос Каменос кој веќе години наназад се држи до неговата позиција, дека националната линија е онаа од 1992 по лидерската средба во претседателската палата, кога претседателите на грчките политички партии одлучија да не прифатат име со вклучен терминот Македонија. Како што јавува дописникот на МИА од Атина, лидерот на Независни Грци, во никој случај, како што јавно изјавува, нема да прифати сложено име со зборот Македонија. Од грчката влада, според медиумите, очекуваат евентуалното решение да добие зелено светло од парламентот, со поддршка на пратеници од опозициските партии. Затоа и шефот на грчката дипломатија во интервјуто за државната телевизија ЕРТ пред 2 седмици, изрази уверување дека во грчкиот парламент постои мнозинство пратеници, а не мнозинство партии за евентуалниот договор за името. Но, Нова демократија ја нападна владата дека нема единствена и заедничка линија, побара Ципрас и Каменос да се договорат и да излезат со ист став, во спротивно, да си дадат оставка. Од опозициската партија велат дека доколку договорот не е поддржан од двете партии што коалицираат во владата, тие нема да гласаат позитивно за евентуалното решение.

„Поради скопското прашање, падна една влада, ќе падне ли и друга?“ – коментираа дел од грчките медиуми во изминатиот период по последните случувања во Грција и препукувањата на релација власт –опозиција. Не е мал бројот на медиуми кои предупредуваат дека доколку Ципрас и Каменос не најдат заеднички јазик, не е исклучена можноста земјата да оди на предвремени парламентарни избори. Сепак, овие информации категорично ги демантираат од грчката влада, со објаснување дека избори ќе има на есен во 2019 кога и завршува 4 годишниот мандат на владата. Весникот „Та неа“, како што пренесува МИА, пред неколку дена анализираше дека Каменос има две опции: до крај да остане на неговата позиција, владата да го загуби мнозинството, а партијата Независни Грци да си го зголеми рејтингот, кој во овој момент, според агенциите е мал и околу 2.5 % (најниска граница за влез во парламентот е 3%) и одново да влезат во парламентот по изборите. Втората опција за Каменос, според „Та неа“ е да го промени ставот, нешто што нема да се случи за прв пат, со оглед на тоа дека и во минатото гласал позитивно за работи за кои претходно имал негативен став. Со тоа, ќе и го продолжи животот на владата, тој ќе остане министер за одбрана, но неговата партија, на следните избори ќе ризикува да остане вон парламентот.

И покрај сѐ, оптимизмот и понатаму е присутен и сите се во исчекување на новата средба на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите на двете земји, што ќе се одржи, веројатно на крајот на месецов.