И Хрватска казни осум словенечки рибари оти ловеле во хрватски води

Хрватската полиција во Пиранскиот залив забележала осум словенечки рибари кои ја преминале државната граница надвор од граничниот премин без дозвола и ќе им испрати казни на нивните адреси, објави хрватското Министерство за внатрешни работи.

Во соопштението на хрвтското МВР се вели дека „полицијата ги утврдила околностите на направениот прекршок ги собрала сите докази за покренување на соодветна прекршочна постапка во доменот на Законот за надзор на државната граница и на словенечките престапници им упатува прекршочни налози на нивните адреси”.

– Согласно Законот за прекршоци, ќе се изврши доставата, а во текот на постапката, ако казната што е изречена не се плати, правосилно завршната постапка може да има за последица и постапување на полицијата кон обвинетите при преминување на државната граница”, порачаа од хрватското Министерство за внатрешни работи.

Претходно, словенечката полиција издаде казни за 14 хрватски рибари за кршење на нејзините територијални води, соопшти МВР на Словенија.

Паричните казни се испратени на адресите на сопствениците на 14 рибарски бродови од Хрватска.

Хрватските рибари се обвинети за „неовластен пристап до словенечката поморска граница”, се наведува во соопштението на словенечката полиција.

По ова, Хрватска испрати дипломатска нота до Словенија за казните кои им ги испрати на хрватските рибари за риболов во спорниот дел Пирански залив и објави дека ќе одговори со иста мерка.