И во јавните претпријатија ќе се внимава кој што јаде и пие


Околу 30.000 евра или 1.858.000 денари потрошиле за репрезентација членовите на управниот одбор на АД МЕПСО во текот на 2017 година. За нив не се приложени докази за одобрување, констатира Државниот завод за ревизија во својот последен извештај. Општина Сарај била поскромна: за истата цел во 2016 година потрошиле „само“ 498.000 денари или околу осум илјади евра.

Од приложената документација не може да се утврди дали услугата е извршена за потребите на општината“, констатираат ревизорите.

Ревизорските извештаи во кои се предупредува за недомаќинско работење со државни пари досега не наоѓаа плодна почва кај институциите што се занимаваат со незаконски дејствија. Сега, со најновите одлуки на Владата, ќе мора да се повнимава на тоа колку пари се трошат на јадење и на пиење. Имено, следејќи го примерот на премиерот и на министерствата, отсега и директорите и замениците на јавните претпријатија, самостојните органи на државната управа, правните лица со јавни овластувања, акционерските друштва во државна сопственост и органите во состав на министерствата ќе мораат на официјалните веб-страници да ги објавуваат службените трошења.

Најдоцна до 20 јуни годинава, се задолжуваат директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на Инспекцискиот совет, на своите веб-страници да ги објават податоците за нивните службени трошоци за периодот од 1 декември 2014 до 31 мај 2015 година и за периодот од 1 декември 2017 до 31 мај 2018 година. Истото, им се укажува да го сторат и директорите и замениците директори на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост“, велат во „Илинденска“. Во Владата сметаат дека обврската за објава на службените трошења, на долг рок ќе обезбеди ефикасност во работењето на институциите, како и зголемена одговорност на власта.

Пред неколку недели беше најавено дека и градоначалниците ќе даваат отчет каде и за што ги трошат буџетските средства, или во согласност со реакциите по објавувањето на владината алатка за отчетност: кој колку пиел кафе, кој колку јадел и кој колку трошел на патувања. Се очекуваше Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) да потпише соработка со Владата за вклучување во софтверот за отчетност на трошоците, но тоа сѐ уште не се случи. Стануваше збор за повик од Владата, но не и обврска.

Засега, дел од алатката за отчетност се претседателот на Владата, замениците на претседателот, министрите, замениците министри и министрите без ресор, како и генералниот секретар на Владата и државните секретари на министерствата. Бројките покажаа дека најголемо расипништво со пари на граѓаните има во министерствата за култура и за економија. Покрај критиките во јавноста, од Владата велеа дека се пример за отчетно работење посветено на потребите на граѓаните. (Г.А.)