Зеќирија Ибрахими: Нема да прифатам да бидам министер за култура


Се погласно се зборува за промена на челното место во Министерството за култура и смената на Роберт Алаѓозовски, но засега нема ниту една потврдена информација.

Порталот А1он, повикувајќи се на свои извори денеска објави дека министерското место се планира да биде доделено на Зеќирија Ибрахими, член на Централното раководство на Беса од крилото на Африм Гаши.

Но, Ибрахими во изјава за албанскиот портал Порталб.мк се оградува.

– Јас нема да ја прифатам функцијата министер дури и да ме предложат. Сè уште не сме стигнале до таа фаза, но јас нема да бидам министер, дури и ако ме предложат, изјави Ибрахими за Порталб.

За реконструкција во владата изминатиот период зборуваше и премиерот Зоран Заев, но досега не се знае во кои сектори ќе бидат промените.