Земјоделците од Струмичко реагираат на ниските откупни цени на доматите


Земјоделците од Струмичко реагираат на ниските откупни цени на доматите.

Тие изминативе денови се откупуваат од 10-15 денари за килограм. Минатата недела откупната цена изнесуваше 20-25 денари за килограм.

Производителите причината за падот на цената ја бараат во намалената побарувачка и зголеменото производство.

– Иако полека навлегуваме во шпицот на производството на доматите, сепак овие се реалативно ниски откупни цени. За производителите реална откупна цена во овој период е од 20-25 денари за килограм, бидејќи само така може да ни се исплати производството на домати. Секако, на намалените откупни цени влијаат намалената побарувачка, но и зголеменото производство. Се надевам дека во наредните денови пазарот ќе се стабилизира и цените повторно ќе се вратат на ниво кое е исплатливо за нас, вели Коце Божиков, земјоделец од село Дабиле.

Според него, откупните цени на другите градинарски производи се задоволителни. Таков е случајот со пиперката, која се откупува за 30 денари за килограм, а краставиците се откупуваат од 8 до 20 денари за килограм во зависност од квалитетот.

Божиков додава дека изминатиов период краставиците и пролетната зелка имале високи откупни цени како никогаш досега. Во еден период краставиците се откупуваше за 40-50 денари за килограм, а пролетната зелка во мај и јуни континуирано се откупува за 20 денари за килограм.