Здружението „Но пасеран“ побара оставки од првите луѓе на Основен Суд 2


Оставки од претседателот на Основен Суд 2 Илир Сулејмани и администраторот на судот Никола Блажевски денеска повараа од Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасеран“ – Скопје кои протестираа пред Врховниот суд во Скопје поради, според нив, спорните одлуки на судот во однос на утужените сметки од компанијата БЕГ за парно греење.

Маријан Ненов од „Но пасеран“ појасни дека оставките ги бараат поради прикривање на незаконското работење на 25 судии од Основниот Суд 2 поради непостапување на барањата на граѓаните со цел да овозможат профити на одредени компании.

-Ова го бараме од првите двајца луѓе на Судот бидејќи го прикриваат криминалното работење на овие 25 судии од Основен 2, но тука не престанува ова дело, имаме и дополнителни судии, а тоа се и судии од Апелација или вкупно 44 судии кои работеле незаконски и ги оштетиле граѓаните. Затоа ги бараме прво овие две оставки бидејќи има промени на претседателското место во Апелациониот суд, истакна Ненов.

Граѓаните преку Здружението бараат утужените сметки на БЕГ за парно греење да се базираат на вередостојни исправи, а не на фотокопирани документи. Според нив судиите требало да ги одбијат и да ги побараат оригиналните документи. Велат дека компанијата БЕГ не доставил ниту една оргинална фактура иако тоа е побарано, а судиите тоа го премолчуваат. Од „Но пасеран“ нагласуваат дека спорна е работата на Судот бидејќи постапуваат по Правилник на регулатор на Комисија на енергетика, а не постапува по законот и Уставот на Република Македонија.