Зголемена казната на Сара Ерани поради допинг


Италијанската тенисерка Сара Ерани, по првобитната суспензија од два месеца, е казнета со дополнителни осум месеци, откако на тест направен во февруари 2017 година беше утврдено дека е позитивна на летрозол.

Тенисерката резултатите ги добила во април, а двомесечната суспензија ја отслужи во август и септември минатата сезона.

Меѓутоа, на барање на Италијанската антидопинг агенција, која поднесе жалба против првата одлука до Меѓународниот суд за спортска арбитража во Лозана, казната и е зголемена на десет месеци суспензија, но поради претходно отслужените два ефективно ќе паузира осум месеци.

Ерани објасни дека ненамерно ја земала супстанцијата за време на семејна вечера, што била приготвена од нејзината мајка која боледува од рак на дојка. Наводно летрозолот случајно се нашол во храната и оттаму во организмот на тенисерката.

Летрозолот се користи за лекување на рак на дојка и нејзината мајка го употребувала во терапијата.

Италијанската тенисерка во мај 2013 година го постигна својот најдобар пласман искачувајќи се на петтото место на ВТА листата, а во моментов се наоѓа на 72-та позиција.