Затворен патот Приштина-Скопје, долги колони и до четири часа чекање за да се стаса до граница

Патот од Приштина до границата со Македонија, на делницата Качаник-Генерал Јанковиќ, денеска потворно е затворен за сообраќај поради градежни работи на последната траса  од автопатот „Арбен Џафери“, што предизвика долги колони од возила на патот кој води до границата со Македонија кај Блаце, информираат косовските медиуми.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, патот се отвора само еден час во текот на денот, а се користи алтернативен пат, кој поминува низ крајпатни села, а за чие поминување со патнички и товарни возила се потребни и до четири часа.

Приштинската агенција КосоваПрес објави фотографии на кои се гледаат долгите колони на возила од косовската страна во правец на Генерал Јанковиќ и границата со Македонија.

Меѓународниот конзорциум „Бехтел-Енка“, која го гради автопатот Приштина-Скопје, со договорот со Владата на Косово е обврзана да ги заврши работите до 31 декември. Меѓутоа, со оглед на ситуацијата на теренот, тоа нема никакви изгледи да се случи во споменатиот рок, така што, според пишувањето на косовските медиуми, можно е компанијата да биде принудена да плати пенали заради доцнењето.

Годинава косовската Влада донесе одлука, согласно спогодбата, да и плати на „Бехтел-Енка“ пенали во висина од 53 милиони евра заради доцнење на извршувањето на своите финансиски обврски кон неа. Тоа предизвика бурни реакции во косовската јавност, а има барања и за истраги за можни коруптивни зделки меѓу конзорциумот и Владата во Приштина.