Засадено дрво на местото на Ќосето
На местото каде беше поставен споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето е засадено дрво гинко како симбол на човековите права. До него ќе биде поставена плоча на која е испишан член 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации.
Дрвото гинко е симбол на човековите права и е едно од најиздржливите. Во Хирошима каде беше фрлена атомска бомба во Втората светка војна, првото нешто што израсна беше дрвото гинко.
За градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, отстранувањето на дивоградбата на која беше поставен споменикот на Ќосето и засадувањето на дрвото гинко е порака дека секој граѓанин има право на праведно судење.
– Поставувањето на споменик на овој човек пред зградата на судот беше сфатено како порака за партиска послушност на судиите кон тогашната власт. Но, отстранувањето на споменикот и засадувањето на т.н. дрво на човековите права на местото каде беше поставен постаментот на оваа дивоградба е симбол на почитување на законитоста, правдата и правичноста. Дрвото што ја замени дивоградбата е од видот гинко и е симбол на човековите права насекаде во светот. Токму заради тоа покрај ова дрво ќе биде поставена плоча донирана од градот Нирнберг која потсетува дека секој од нас има право на праведно судење и право на судење пред независен и непристрасен суд што е предвидено во Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, рече градоначалникот Шилегов.
На настанот присуствуваше и државниот секретар за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот, кој потсети на изјавата на Мартин Лутер Кинг дека доколку знае дека утре ќе се сруши целиот свет, ќе ја искористи приликата денес да засади дрво.