Жените од Косово креваат глас: Полицијата ги штити убијците на жени

Невладината Мрежа на жените на Косово по вчерашното, последно во низа, убиство на жена во Ѓаковица, ја обвини косовската полиција дека ги брани убијците на жени, јави дописникот на МИА од Приштина.

Повод за оваа реакција на Мрежата беше полициското соопштение, во кое се наведува дека сега покојната 61-годишна жена, мајка на осум деца, доцна синоќа се самуобила во несреќен случај, односно додека ја чистела пушката на својот маж, кој по несреќата избегал од местото на настанот. Подоцна, откако бил приведен, мажот се правдал дека не бил свесен за своите дејствија поради големата истрауматизираност од трагедијата. Првичната, неофицијална, информација во медиумите беше дека тој несакајќи ја убил својата жена, додека ја чистел пушката.

– И овој пат полицијата излезе со соопштение во кое попрво се претпоставува невиноста на сторителите наместо да се изнесуваат фактите како загинале жртвите. Пред неколку недели бевме сведоци на една трагедија, во која како последица на семејното насилство животот го загубија деветгодишно девојче и нејзината 40-годишна мајка. И во тој случај имаше правдање од страна на полицијата и обвинителството дека убиецот со оружје АК-47 отишол во семејството на сега веќе покојната, за да ја повика да се врати во неговиот дом, се истакнува во соопштението на Мрежа на жените на Косово.

Оваа и други граѓански организации најавија дека и во текот на оваа недела, како и минатите денови, ќе организираат протести во повеќе косовски градови.

Мрежата бара непристрасни и објективни истраги во случаите на насилство и убиство на жени, заслужени казни за убијците, како и одговорност од институциите и надлежните лица заради неефикасност во спречувањето на ваквите трагедии.