ЕК: Не е остварен напредок во техничкиот дијалог меѓу Белград и Приштина

Во новата рунда на преговори меѓу Белград и Приштина на техничко ниво во Брисел не е остварен напредок, соопшти Европската комисија и ги повика двете страни да ги зајакнат напорите во спроведување на договореното.

Главна тема на разговрите беа се уште неспроведените договори произлезени од рамките на дијалогот, а се однесуваат на формирањето на Заедницата на српските општини, енергетиката, интегрираното управување со границите, мостот во Митровица и слободата на движење.

– И покрај тоа што преговорите беа темелни, напредок не е остварен. Европската унија ги повикува и двете страни да ги засилат напорите во поглед на примена на договореното, потсетувајќи дека напредокот во нормализација на односите е клучен елемент на нивниот европскиот пат, се наведува во соопштението на портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчиќ.

Белградската делегација на тридневните (од 19-21 март)  разговори на експертско ниво ги предводеше директорот на владината канцеларија за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ, а делегацијата од Приштина беше  предводена од Авни Арифи.

Според „Вечерње новости“ денешниот состанок на кој требало да се разговара за слободата на движењето не бил ни одржан поради неподготвенсот за разговор, за што ја обвинуваат делегацијата на Приштина.

– Високата представничка на ЕУ за надворешна политика и безбеднсот Федерика Могерини ги повика в петок во Брисел претседателот Александар Вучиќ и претседателот Хашим Тачи на состанокот на највисоко ниво, каде што ќе разговараат за целосната нормализација на односите, а ќе го разгледаат и спроведувањето на договореното од дијалогот, најави Кочијанчиќ.

Таа во пресрет на дијалогот најави дека Европската унија очекува целосно спроведување на сите договори произлезени од дијалогот меѓу Белград и Приштина, вклучувајќи го и договорот за формирање на Заедницата на српски општини.

Претходниот дијалог меѓу Белград и Приштина на техничко ниво, со посредство на ЕУ, одржан е кон крајот на февруари по пауза од повеќе од една година.