Дачиќ: САД имаат нов пристап кон косовското прашање

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека САД имаат нов, конструктивен пристап кон решавањето на косовското прашање, за кој рече дека претставува значителна промена од досегашниот став.

– Тоа значи дека се отвори вратата за барање на ново, компромисно решение, нешто на што САД не беа подготвени во изминатите години бидејќи сметаа дека косовското прашање е затворено, изјави Дачиќ. Прашан дали се работи за нов предлог, Дачиќ рече дека повеќе се работи за нов пристап кон проблемот, пренесе Танјуг.

Дачиќ не претстави детали за новиот американски став. Неговата изјава доаѓа неколку дена откако претседателот Александар Вучиќ алудираше дека е подготвен за поделба на Косово, на што реагираа косовските власти велејќи дека тоа не доаѓа в предвид.

Американскиот амбасадор во Србија Кајл Скот изјави дека ставот на САД бил и останува дека косовското прашање треба да се реши низ преговори меѓу Белград и Приштина.