Грчкото до руското МНР: Треба да запре непочитувањето кон Грција

Денешните изјави на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи се карактеристичен пример на непочитување на трета земја, како и недостатокот на разбирање на современиот свет во кој државите, независно од големината, имаат автономија да водат независна, демократска и повеќе димензионална надворешната политика, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција, во одговорот на изјавите на портпаролката на руското МНР.

Како што јави МИА од Атина, од грчкото МНР велат дека податоците врз база на кои Грција реагирала за четворицата руски државјани, од кои двајца дипломати беа протерани, а двајца добија забрана за влез во земјата,  им биле навремено презентирани на руските власти, „иако самите руски власти многу добро ги знаат постапките на нивните луѓе“.

– Континуираното непочитување на Грција мора да запре. Никој нема право да интервенира во нејзините внатрешни случаи. Неоснованите тврдења, според кои, одлуката е донесена под притисок на трети, не се вредни за коментирање и покажуваат менталитет на луѓе кои не ги разбираат  принципите и вредностите на грчката надворешна политика, пишува во соопштението од грчкото МНР.

Официјална Атина вели дека, Грција од самиот почеток се стремела да ги разграничи активностите на дипломатите од официјалната руска надворешна политика, но со денешните изјави „портпаролката на руското Министерството за надворешни работи ги усвојува и покажува како да сака да ги легализира тие нелегални активности“.