Грчки митрополит: Пожарите се Божја казна поради премиерот неверник

Грчкиот митрополит Амвросие на свој блог ги обвини премиерот Алексис Ципрас и неговиот атеизам дека се виновни за катастрофалните пожари во кои загинаа најмалку 79 луѓе.

– Атеистичкиот премиер Ципрас предизвика бес на Бога. Грција ја уништија пожари и поплави – напиша на својот блог митрополитот Амвросие.

Ципрас не е верник, па грчкиот митрополит одлучи да ја искористи трагедијата во Грција за да укаже дека пожарите се всушност Божја казна за премиерот неверник.

Митрполитот цитирајќи од Новиот завет, додава дека поради „оддалечување на луѓето од Бога се јавуваат разни катастрофи како што се потреси, глад, епидемија, крвопролевања, криминал и разорни пожари“.

– Се прашувам, кој е за оддалечување на модерните Грци од Божјиот пат? Кој друг? Атеистичкиот премиер Алексис Ципрас и неговите соработници – напиша митрополитот.

Додаде дека Ципрас не ги крстил своите деца и не се венчал со својата девојка.

Грчките медиуми особено гневно реагираа на скандалозните тврдења на митрополитот наведувајќи дека во пожарите од 2007 година во кои загинаа 84 луѓе, „на власт не бил неверник туку конзервативната и религиозна партија Нова демократија“.