Грција „парализирана“ поради генерален штрајк

Генералниот штрајк, закажан за денеска, се очекува да предизвика откажување и одложувања за летови, фериботи и железнички услуги во Грција, откако синдикатите повикаа на протест против мерките на штедење во земјата.

„Ние протестираме против штедењето, високите даноци и невработеноста“, се наведува во вчерашното соопштение на  најголемите приватни и државни синдикални федерации, ГСЕЕ и АДЕДИ.

Најголемите грчки синдикати на вработените во јавниот и приватниот сектор за денеска закажаа генерален 24 часовен штрајк, што ќе ја парализира цела Грција. Освен проблеми во сообвраќајот, земјата ќе биде без вести и информативни емисии поради учеството на новинарите во штрајкот.

Контролорите на летање три часа, од 10 до 13 часот, ќе престанат со работа, па грчките авиокомпании „Aegean“ и „Olympic air“ откажаа и презакажаа дел од летовите.

Во 24 часовниот штрајк учествува и поморската федерација на Грција, со што бродовите ќе останат закотвени на пристаништата, а и возовите нема да сообраќаат поради штрајкот на грчката железница.

Проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, а и новинарите 24 часа ќе престанат со работа и земјата ќе биде без вести и информативни емисии.

Од 6 часот изутрина до 6 часот утре нема да работи јавниот сектор во Грција.

За денеска напладне закажан е и протест во центарот на Атина, организиран од синдикатите на вработените во јавниот и приватниот сектор (ГСЕЕ и АДЕДИ), додека пак одделен и посебен собир, како и секогаш, закажа синдикатот на Комунистичката партија на Грција.