Грција бара меѓународна помош за пожарите, 6 лица со изгореници пренесени во болница

Грција доставила барање за меѓународна помош во гаснењето на пожарите, соопштија од грчката противпожарна служба.

– Поради големиот обем и интензитет на пожарите и опасноста, нашата земја поднесе барање, преку Европскиот механизам за цивилна заштита, за меѓународна помош по воздух и земја, рече Ставрула Малири портпаролка на грчката противпожарна служба и објасни дека 6 лица со изгореници биле пренесени во болница.

Според грчките медиуми, воени бродови и фрегата, со одлука на началникот на Генералштабот на грчката армија, ќе се упатат кон плажите во близина на жариштето во источниот дел на областа Атика, за да спасат граѓани кои се заглавени и не можат да си заминат поради затворените улици и интензитетот на пожарот. Дел од граѓаните, според истите информации, се упатиле кон плажите за да избегаат од огнената стихија, а единствен начин да се евакуираат е по воден пат.