Грците сакаат да се реши спорот со името

Мнозинството Грци посакуваат да се реши прашањето со името, покажува новото истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата „Алко“ за грчкото радио „24/7“. Како што јавува дописникот на МИА од Атина, 63 отсто од испитаниците се за постигнување заемно прифатливо решение, 21 отсто сметаат дека работите треба да останат така како што се денес, а седум од 10 Грци, веруваат дека во последните децении Грција загубила од тоа како владите се справувале со прашањето за името.

За тоа дали сметаат дека во последните децении од прашањето за името земјата доби или загуби, седумдесет отсто од испитаниците сметаат дека Грција загуби, девет дека доби, 21 отсто ја одбрале опцијата не знам/не одговарам.

На прашањето дали е подобро за нивната земја да се стреми кон заемно прифатливо решение во прашањето на Скопје (пЈРМ) или подобро е да ги остави работите како што се денес, 63 отсто одговориле дека се за заемно прифатливо решение, 21 отсто сметаат дека треба да остане исто како што е денес, додека 16 отсто рекле дека не знаат или не сакаат да одговорат.

Костас Панагопулос, претседателот на агенцијата „Алко“ што го спроведе истражувањето, говорејќи за радиото, коментира дека во анкетата не биле вклучени конкретни имиња, бидејќи официјално не се соопштени и вели дека веројатно резултатите би претрпеле промени кога во истражувањето ќе влезат конкретни предлози.