Груевски пак негира вина за „шамарите“, уште еден обвинет призна вина

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно негираше вина за насилствата пред општина Центар во јуни 2013 година. По денешното судско рочиште во Кривичниот суд, Груевски кој е обвинет во предметот на СЈО „Насилство во Центар“, изјави дека не чувствува никаква вина и дека не се плаши од санкции. – Рочиштата што се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ се закажуваат на еден, два или до четири дена, додека во случаите на Зоран Заев се закажуваат на неодредено време и тоа е таа една видлива нееднаквост, видлив протекционизам од страна судството, рече Груевски.

На денешното продолжение на судењето за предметот „Насилство во Центар“, вина за стореното призна уште еден од 14 обвинети. Петообвинетиот Јордан Ристевски, непосредно пред судијката да го одложи денешното рочиште и судењето да го презакаже за 7 декември, излезе со признание дека се чувствува виновен и се покаја за делото.

Обвинителката Фатиме Фетаи побара постапката за него да се раздвои и судењето за него да продолжи веднаш. Вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, преходно призна и четвртообвинетиот Томислав Лазаров, кој во раздвоена постапка доби условна шестмесечна казна, доколку во рок од две години не стори друго кривично дело. Во случајот „Насилство во Центар“, покрај Груевски, обвинети се и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниел Рангелова и уште 11 други лица