Граѓани ноќеска го превртеа Скопје, се бара исчезнатата Сњежана Тројачанец


Роднини, соседи, пријатели на семејството, но и непознати луѓе, доброволци од сите делови на Скопје цела ноќ се на нозе и ја бараа Сњежана Тројачанец, професорка на Земјоделски факултет, која вчера наутро исчезнала од својот дом во населбата Тафталиџе. За Сњежана се знае дека се борела со депресија, а во моментот кога излегла од дома најверојатно носела пижами и кафеава јакна.

Утрово, потрагата главно е околу кино Карпош, од каде е последната информација дека наводно е видена.

– Ја бараме цела вечер, низ цело Скопје. Ние сме со автомобили, што и да ни каже некој, веднаш одиме да провериме. Добиваме различни информации, но никој не е сто отсто сигурен дека ја видел токму неа. За жал, досега не ја најдовме – ни рече Филип, синот на Сњежана.

Од МВР велат сопругот го пријавил исчезнувањето вчера во 12 часот. Кажал дека Сњежана излегла од дома, најверојатно околу 6 часот утрото, и уште не е вратена. Полициски тимови и вчера се вклучиле во потрагата, која ќе продолжи и денес.

Ноќва, по жената се трагаше на цел потег од Лисиче до Влае, на Водно, околу факултетот во Автокоманда, се проверуваа градски автобуси, паркови, влезови од згради, гаражи, трговски центри, места на кои би можела да отиде. Бараа луѓе со автомобили, со велосипеди, пеш…Нејзина фотографија е залепена и на автобуски постојки.

Сњежана е слаба, висока, со плави очи и впечатлив изглед. Семејството апелира секој кој ќе ја види да пријави во најблиската полициска станица или на броевите 078/261 – 126 и 078/ 257 – 878.

С.С.З.