Главниот град на Казахстан од денеска се вика Нур-Султан

Казахстан денеска го смени името на главниот град Астана во Нур-Султан во чест на долгогодишниот претседател Нурсултан Назарбаев, кој минатата недела неочекувано, по 30 години на власт поднесе оставка.

Тоа е четвртпат во последните 60 години главниот град да го менува името, а дел од локалното население и опозициските политичари протестираа против промената, која стана официјална денеска откако декретот го потпиша времениот претседател Касим-Жомарт Токаев.

Градот со околу милион жители во минатото се викаше Акмолинск, Тселиноград и Акмола, пред да биде наречен Астана (во превод главен град) кога во 1997 година Назарбаев ја премести таму престолнината од Алмати.