Германија ја прекина испораката на оружје на Турција поради операцијата во Африн

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел денеска изјави дека Германија го прекинала извозот на оружје во Турција поради операцијата на Анкара против кудските формации во реонот на сирискиот град Африн.

– Што се однесува до тековните консултации за извоз на оружје, за Владата е јасно дека немаме право да испорачаме оружје во регион каде што има тензии и ние нема да го сториме тоа, посочи Габриел, додавајќи дека тоа решение е договорено со канцеларката Ангела Меркел.

Меркел и Габриел се договориле одлуката за обновување на испораките за оружје да ги донесе новата влада, по нејзиното формирање.

– Владата во заминувње е обединета во ставот дека не треба да ги надминуваме резултатите од тековните коалициски разговори, а треба да го одложиме донесувањето одлуки за критични прашања по формирањето на новиот кабинет, нагласи Габриел.

Германија доставува неколку вида оружје на Турција, вклучително и тенкови „Леопард“. Претходно Анкара беше заинтересирана да изгради фабрика за производство и модернизација на тие тенкови на турска територија. Поради влошените односи со Турција, поради апсењето германски државјани минатата година, Берлин воведе некои ограничувања за снабдување со воена опрема, но претходно оваа година, пред операцијата на Африн, беше подготвена да продолжи со испораките.

Турските вооружени сили на 20 јануари ја почнаа операцијата „Маслиново гранче“ против курдските Сили за заштита на народот и Партијата на демократскиот сојуз во реонот на сирискиот град Африн, каде живеат околу 1,5 милиони сириски курди.