Генералното собрание на ОН против одлуката на САД за Ерусалим


Њујорк – Генералното собрание на ОН, денеска на вонредна седница, го прогласи за неважечко признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на САД. Одлуката е донесена со 128 гласови „за“, девет „против“ и 35 „воздржани“.

Како што јави МИА, претходно американската амбасадорка во ОН Ники Хејли се закани дека САД „ќе го запаметат денот кога биле нападнати во Генералното собрание на ОН само затоа што го оствариле своето право како суверена земја“, нагласувајќи дека никакво гласање во ОН нема да ја промени американската одлука за Ерусалим.

Таа им посочи на сите 193 земји-членки во ОН дека САД ќе се пресметаат финансиски доколку Генералното собрание ја усвои резолуцијата со која одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим како главен град на Израел се прогласи како „неважечка“.

– Денешното гласање ќе влијае на начинот на кој Американците гледаат на ОН и на земјите кои не ги почитуваат САД и ОН, заклучи Хејли.

Портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас го поздрави денешното гласање во ОН на резолуцијата со која се повикува САД да ја повлечат одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Израел.

– Гласањето е победа за Палестина, изјави претседателскиот портпарол Набил Абу Рудејна.

– Ќе продолжиме со напорите во ОН и на сите меѓународни форуми за ставање крај на оваа окупација и создавање на наша палестинска држава со престолнина Источен Ерусалим, додаде тој.