Вучиќ ќе бара од Путин „подлабоко“ согледување на проблемот со Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се наоѓа во посета на Москва, денеска изјави дека од неговиот руски колега Владимир Путин ќе побара „подлабоко“ да го согледа косовскиот проблем и да „излезе“ со политички став на Москва за Косово.

– Ќе го замолам претседателот Путин, не само со директната подршка што ја дава на Србија, туку и недвосмислено излезе со свој политички став во сите органи и меѓународни институции и организации, изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека Русија отсекогаш давала недвосмислена поддршка на територијалниот интегритет на Србија и не само тоа, туку и поддршка на независното одлучување и на суштинската независност на Белград, како и на воената неутралност.

– Нема сомневање дека ќе го повторам ставот и фактот дека Србија на ниту еден начин нема да влезе во НАТО или во други воени блокови, рече Вучиќ.

Тој додаде дека со рускиот претседател ќе разговара „за важни теми, економските односи, воената и економската соработка“.

– Исто така, ќе зборуваме и за воената опрема. Ние секогаш зборуваме за тоа. Би сакал да се заблагодарам за МиГ-овите што ги добивме под значително поповолни услови од некои други, истакна Вучиќ.

Српскиот претседател најави и дека ќе го покани Путин наскоро да ја посети Србија.

Вучиќ, кој во Москва пристигна денеска, попладнево треба да се сретне со Путин, а утре ќе присуствува на воената парада по повод Денот на победата над фашизмот.

Дводневната посета се одржува на покана на рускиот претседател, со што Вучиќ, заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, ќе биде првиот странски државник со кој ќе се сретне Путин по вчерашниот почеток на новиот четврти претседателски мандат.