Вучиќ: Тешко до договор за Косово, постојат големи разлики со Тачи

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска потврди дека во петокот во Виена имал состанок со косовскиот претседател Хашим Тачи, со посредство на австрискиот канцелар Себастијан Курц и еврокомесарот Јоханес Хан.

– Се надевам дека ќе бидеме во можност да продолжиме со тие разговори. Не можам да изнесам детали, бидејќи ништо не е договорено, додека се не биде договорено, како што е и мотото на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини, објасни Вучиќ на прес- конференцијата во Алпбах заедно со Тачи, претседателите на Австрија и Словенија и комесарот Јоханес Хан.

Вучиќ изјави и дека знае колку ќе биде тешко да се дојде до договор меѓу Белград и Приштина, бидејќи постојат големи разлики меѓу него и претседателот на Косово Хашим Тачи.

– Тоа нема да оди лесно, ниту е едноставно. Двајцата знаеме колку големи се разликите меѓу нас во пронаоѓањето на било какво компромисно решение“ изјави Вучиќ, додавајќи дека Тачи вчера повторно се жалел на него.

– Јас сум секогаш песимиста, а мојот песимизам е заснован на реалната состојба, а ако успеаме нешто да смениме, тоа би било добро и јас напорно ќе работам, изјави Вучиќ, додавајќи дека тоа е можно, но и дека неможе да каже дали е и реално.

Тој констатираше дека секој договор ќе биде тежок за Србија, но дека нема да биде „понижувачки.“

Доколку сите од ЕУ не го поддржат договорот, до него нема ни да дојде.

Суштината на заложбите на дел од меѓународната заедница, која се спротивставува на менувањето на границите меѓу Србија и Косово е да и порача на Србија дека Косово е целосно изгубено и дека доколку се обиде да добие нешто, тогаш го добива епитетот на „лошото момче“ кое ќе биде спречено во намерата.

Тој истакна дека чувствува замор од објаснувањата на секојдневно ниво, да Србија нема да го загрози територијалниот интегритет на Хрватска, БиХ или на било која друга земја во регионот.