Вучиќ: Поблиску сме до предвремени парламентарни избори

Српската напредна партија (СНС) не донесе конечна одлука за предвремени парламентарни избори, но сега сме поблиску до нив отколку порано, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ по завршувањето на седницата на Претседателското на неговата партија.

Вучиќ, кој е и лидер на СНС, нагласи дека конечната одлука за распишување предвремени избори не била донесена, иако сите членови на Претседателство гласале „за“, освен него, кој бил „воздржан“.

– Претседателството, со еден воздржан глас и тоа мојот, го поддржа повикот за распишување избори, изјави Вучиќ, додавајќи дека ако дојде до избори, тие нема да бидат на есен, туку во јуни или на пролет следната година.

Вучиќ изјави дека бил воздржан на денешното гласање, бидејќи се раководел од државните интереси.

– Се договоривме. Останатите не сакаа да гласаат против мене, туку да чекаат да видат што можеме да направиме во врска со евроинтеграциите и Косово. Во секој случај, многу поблиску сме до одлуката за распишување на избори отколку порано, додаде Вучиќ.

Тој потенцира и дека Претседателството на СНС му изразило едногласна поддршка за неговата одлука да не преговара со лидерите на опозициската коалиција Сојуз за Србија (СзС), Драган Ѓилас, Вук Јеремиќ и Бошко Обрадовиќ.

– Нема да дозволиме насилство. Во светот досега не е видено она што го најавуваат фашистот Обрадовиќ и тајкуните Ѓилас и Јеремиќ, што вклучува блокади и оневозможување на градските функционери да одат на работа, порача Вучиќ.

Тој најави продолжување на кампањата „Иднината на Србија“, како и голем собир во Белград на 19 април.

– Верувам дека ова ќе биде најголемиот собир на пристојна Србија во историјата, а луѓето ќе можат да видат како изгледаат 10 и 15, а како стотици илјади луѓе. Ќе ги повикаме и луѓето со деца, бидејќи нема да бидеме насилни, нагласи Вучиќ.

Вучиќ на седницата на партиското Претседателство ја покани и премиерката Ана Брнабиќ, иако таа не е членка на владејачката СНС, бидејќи, како што истакна, се расправало за „одлуки кои се однесуваат на работата на Владата, но и за да слушне што размислуваат партиските членови за работата на Владата“.