Вучиќ: Далеку сме од тоа некој да ни го нуди северот на Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека официјален Белград е далеку од решение за Косово и дека е далеку од тоа некој на Србија да и го нуди северот на Косово.

– Далеку сме од тоа … Далеку сме од што и да е, изјави Вучиќ пред новинарите во Зрењанин, по потпишувањето на договорот со кинеската компанија Шангдонг Линглонг за изградба на фабрика за автомобилски гуми.

Тој рече дека до неодамна Србија не можела да разговара за ниту едно решение, бидејќи Приштина на тоа гледала како на „завршена работа”.

– Ние ќе добиеме повеќе отколку што имавме вчера, и во правата за нашиот народ и за нашите ресурси. Ако некој вели дека ќе обезбеди повеќе од тоа за 50 години, тоа не се сериозни луѓе, оцени Вучиќ.

Српскиот претседател повтори дека ќе го даде својот предлог за решавање на косовското прашање, но дека конечниот збор ќе го имаат граѓаните, кои за тоа ќе се изјаснат на референдум.