Врз жител на Сараќино пукано од возило во движење
Во полициска станица во Тетово вчера било пријавено дека П.П.(33) село Сараќино, Тетовско, околу 07.30 часот од возило „голф“ со тетовски регистарски ознаки, со кое се движел низ селото, од пиштол испукал два куршума кон Ќ.Е.(56) од истото село, кој одел пеш во близина на неговиот дом.
Како што соопшти МВР, П.П. потоа со возилото заминал од местото. Притоа, еден од куршумите го погодил Ќ.Е. во десната надколеница. По настанот, Ќ.Е. со возило на итна медицинска помош бил пренесен во тетовската клиничка болница и бил задржан на понатамошно лекување.
По овластување на јавен обвинител, увид на местото извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово.
На местото била пронајдена една чаура калибар 7,65 милиметри, која била подигната за вештачење. Секторот за внатрешни работи Тетово презема мерки за пронаоѓање на П.П. и за целосно расчистување на случајот.