Во Србија од грип починаа 29 лица

Во Србија во последните шест недели од грип починаа 29 лица, а пријавени се 104.687 заболени, соопшти Институтот за јавно здравје „Др. Милан Јовановиќ Батут“.

Само изминатата недела „Батут“ има евидентирано околу 20.000 нови случаи.

Како што се наведува, најмногу болни има меѓу деца на возраст до четири години, а епидемиолошката ситуација е во согласност со движењето на болеста за овој период од годината.

– Заклучно со шестата извештајна недела, пријавени се вкупно 104.687 заболени од болести слични на грип и 29 смртни исходи кои можат да се поврзат со грипот кај кои лабораториски е потврден овој вирус’, соопшти „Батут“.

Во извештајот, се наведува дека минатата недела е забележан висок интензитет на активност на вирусот на грип и широка географска распространетост, со тоа што епидемиолошката ситуација е во согласност со движењето на болеста во овој период.

– Тоа е вирус на грипот А (H1N1) и А (H3N2), кои циркулираат оваа сезона во Србија, како и во земјите во регионот и во повеќето европски земји, се наведува во соопштението.

Од почетокот на сезоната 2018/2019, епидемија на грип е прогласена на териториите на Пиротскиот и Златиборскиот округ, Моравската област и градот Ниш.

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар за ТВ Пинк изјави дека на предлог на епидемиолозите, на денешната владина седница ќе предложи продолжување на зимскиот распуст за основците и средношколците за уште недела дена.

Институтот „Батут“ потсетува дека е потребно да се применат општите превентивни мерки во континуитет, како што е држење на растојание од најмалку еден метар од другите луѓе, хигиена на дишните патишта (покривање на носот и устата при кашлање и миење на рацете со сапун и вода), хигиената на рацете и проветрување на просториите во кои се живее.