Во МСУ вечерва „Препрочитување на Бергман“


Со проекција на филмот „Седмиот печат”, вечер во Музејот на современата уметност (МСУ) почнува дводневната филмска и видео програма „Препрочитување на Бергман”.

Програмата се фокусира на наследството на Бергман во современиот филм, а кураторка е Кумјана Новакова од МСУ.

„Преку програмата посветена на Бергман, Музејот на современата уметност Скопје иницира чин на заедничко препрочитување на неговото творештво сега и овде. Бергмановиот опус е творечки предизвик, но може да се чита и како популаризација на слоевитите филмски јазици. Веруваме дека програмата Препрочитување на Бергман ќе отвори дискусија за вредностите и праксите кои се Бергманово наследство, користејќи ги токму неговите инструменти: сензибилност за преиспитување на моралните вредности, творечки пракси во услови на комплексни и флуидни јавни простори на делување, како и спротиставеноста помеѓу реалноста и илузијата“, вели Новакова.

Утрешниот ден е посветен на нови автори и авторки кои го разгледуваат Бергмановото наследство во филмската уметност денес. Ќе може да се погледне и филмот „Бергман: една година од еден живот” на Јејн Магнусон (Шведска, Норвешка). Проекцијата, како што најавува Музејот, ќе биде проследена со разговор со продуцентка на филмот, Сесилиа Несен.

Плакатот за „Препрочитување на Бергман” го направи Илија Прокопиев, а филмската и видео програма се организира во соработка со Шведската амбасада во Скопје.