Во март во Мостар трилатерала – Грабар Китаровиќ со Вучиќ и Претседателството на БиХ

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, нејзиниот српски колега Александар Вучиќ и тројцата членови на претседателството на БиХ ќе имаат средба на 6 или 7 март во Мостар. Тоа го изјави денеска претседавачот со Претседателството на БиХ, Драган Човиќ.

Тој истакна дека тоа е придонес за решавање на проблемите во регионот и нивно напредување на патот кон Европската унија.

– Јас на тоа ќе инсистирам дека ние соседите имаме максимално добри односи. Посебно ми е драго поради се што се случува во изминатиот период и без оглед на тоа колку тешки зборови имало, тоа е начин како тие работи ќе ги решаваме и како гледаме во иднината, изјави Човиќ.

Тој вели дека се уште не е одлучено дали трилатералата ќе се одржи на 6 или 7 март поради договор на протоколите.

Човиќ потенцира дека разговорите на челниците на трите држави водат кон надминување на меѓусебните проблеми што е и во Стратегијата за проширување на Западен Балкан поттикната од Европската комисија.

– Очекувањата од такви средби се многу големи иако сите знаеме дека постојат многу отворени прашања. Јункер изминатите денови побара сите проблеми да ги решаваме од денес. Единствено со разговор може да не натерате тој европски пат да го искористиме, а тоа е голем поттик и шанса за БиХ, истакна Човиќ, хрватски член на Претседателството на БиХ.