Во влошки од патики сокрил хероин

Македонски државјанин е уапсен на косовско – српската граница откако во влошките од патиките се обидел да прошверцува хероин. Според информациите на белградските медиуми, настанот се случил во вторникот околу 19 часот на контролниот пункт Депче на српската страна од преминот. Триесет и четиригодишниот маж, чиј идентитет не се соопштува, но се напоменува дека станува збор за етнички Албанец, се пријавил пешки да ја мине границата. На прашањето на полицијата и на цариниците дали има нешто да пријави – одговорил „ништо“. Надлежните се посомневале, му извршиле личен претрес, при што под влошките во патиките пронашле 423 грама хероин.

„Македонскиот државјанин се бранел оти наводно не знаел што дека во патиките имало дрога. Тврдел дека пред неколку дена бил контактиран од непознати луѓе, кои му рекле на точно одреден датум и време да ги собере патиките од контејнер и како знае и умее да ги однесе во Загреб“, се наведува во соопштението на српската Царинска управа.