ВМРО-ДПМНЕ: Ангажманот на Хоџа во Владата е срам за државата и за граѓаните


ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара ангажманот на Џезаир Шаќири Хоџа како советник на премиерот да биде раскинат.

„Денеска се навршуваат три години од крвавата битка на македонските безбедносни сили со терористичката група во кумановската населба Тоде Мендол. Македонија во таа битка во Диво Насеље загуби 8 полициски животи, а ранети беа 37 полициски службеници. Сеќавањата на 9 и 10 мај се врежани во колективната меморија на државата. Тие сеќавањата се болни. Но, уште поболно е што денеска Советникот за безбедност на премиерот, Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа, поставен токму од Зоран Заев, ги слави своите другари терористи и вели дека е горд што тие елиминирале 10 отсто од најсилната полициска единица во Македонија“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој истакна дека Заев вчера ги понижил и полициските специјалци, прославувајќи еден од најтажните денови во новата македонска историја заедно со Рамуш Харадинај на Косово.

„Наместо да биде со семејствата на загинатите херои, Заев отиде на 9 мај на Косово чијашто влада финансиски ги помогна семејствата на терористите кои убиваа во Диво Насеље. Зоран Заев не смее со какви било измислици за меѓународни истраги да се обидува да ги ослободи терористите. Зоран Заев не смее да плаќа со пари на граѓаните советници кои ликуваат на погибијата на македонските херои.
Ова лудило мора да запре. Договорот за ангажирање на Џезаир Шаќири Хоџа за советник мора да биде раскинат“, рече Стоилковски.